Заштитата и унапредувањето на животната средина претставува глобален проблем во современиот свет, а нејзиното решавање е тесно поврзано со други глобални проблеми на цивилизацијата-рационално користење на природните ресурси, развивање и унапредување на меѓународната соработка на полето на науката и културата.
Ова беше истакнато на работилницата која се одржува во Делчево под наслов „Одржливо искористување на природните ресурси“, а на која присуствуваат претставници од општините, интистуциите од Делчево и Благоивеград од соседна Бугарија.
Работилницата е дел од проектот „Енергетски ефикасно осветлување во регионот Благоевград-Делчево”, кофинансиран од ЕУ, преку програмата Interreg – IPA Bulgaria-Macedonia 2014-2020.
Како што истакна градоначалникот Горан Трајковски, проектот има една специфична цел, а таа е заштита на животната средина и одржливо користење на заедничките природни ресурси на прекуграничниот регион.
-Јас морам да изразам задоволство од досегашната реализација на проектот од ефектите кои се видливи на терен, впрочем, енергетски ефикасното осветлување во двете општини Делчево и Благоевград веќе ги дава своите први ефекти. Оваа дводневната работилница ќе ја водат експерти во областа, со цел да се запознаеме со начините и методите за одржливо искористување на природните ресурси. Резултатот од работилницата ќе биде подготвен протокол, кој ќе биде изготвен и доставен до партнерите на проектот и учесниците во работилницата, со цел да биде вклучен во нивните документи за развој и стратешки документи, истакна Трајковски.
Проектот завршува во октомври 2018 година, а главна активност е замената на 720 живини со лед-светилки со што ќе се добие поефикасно осветлување и намалување на СО 2 во воздухот.
– Планираме и во иднина да ја продолжиме оваа активност со цел во Делчево јавното осветлување да биде целосно со енергетски ефикасно, да имаме заштеда на средства и да ги намалиме негативните емисии во воздухот. Во моментов сите 720 лед диоди се инсталирани на централните улици во градот, односно на најфреквентните, како и во 7 населени места во општината, истакна Тони Стоименовски, од општина Делчево.
Инаку, дводневната работилница во Делчево е дел одпроектот „Енергетски ефикасно осветлување во регионот Благоевград-Делчево”, кофинансиран од ЕУ, преку програмата Interreg – IPA Bulgaria-Macedonia 2014-2020.