Во текот на изминатата недела (од 19 февруари до 25 февруари) во Република Македонија се регистрирани 4.258 заболени од грип, што е зголемување за 14 отсто во споредба со неделата пред неа кога беа регистрирани 3.728 заболени лица, се наведува во извештајот што на својата веб страница денеска го објави Институтот за јавно здравје.
Во однос на минатата сезона кога биле регистрирани 227 заболени, постои зголемување на бројот на заболени во осмата недела за 19 пати. Регистрираната инциденца и oваа недела е над неделната граница на средна активност активност на вирусот на грип.
Исто како и во претходните недели, во осмата недела најголем број заболени – 2.498 се пријавени во најголемата возрасна група од 15-64 години, а највисока инциденца од 419,1 на 100.000 жители се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.
Оваа недела најголем број заболени лица (673) се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје Скопје, а највисока инциденца 857,5 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на Подрачната единица Кавадарци.
Oд вкупно 31 извештај на единица во земјата, само во подрачните единици во Дебар, Свети Николе, Ресен, Кавадарци, Кратово, центрите за јавно здравје во Струмица и Прилеп се регистрира многу висока активност на вирусот
Досега во сезоната 2017/2018 вкупниот број на пријавени случаи со заболувања слични на грип изнесува 16.429. Регистрираниот број случаи е повеќекратно помал споредено со истиот период од минатата сезона (34.330).
Досега, најголем број на заболени лица – 1.958 се регистрирани во Подрачната единица Гостивар, а поголем број е пријавен и во Центарот за јавно здравје Скопје (1.842) и Центарот за јавно здравје Куманово (1.631). Највисока инциденцата од 2.857,1 на 100.000 жители е регистрирана на подрачјето на ПЕ Дебар.
Во однос на дистрибуцијата на заболените по возрасни групи, кумулативно најголем број на заболени се пријавени во возрасната група од 15-64 години – 9.907 случаи (60 отсто), а највисока кумулативна инциденца од 1.505,7 на 100.000 се регистрира кај децата на возраст од 5-14 години.
Анализата на бројот на заболени од сезонски грип по месеци, укажува на постепен пораст на заболените во јануари (2.396 заболени или 14,6 отсто) и достигнување врв во февруари (12.951 или 78,8 отсто).
Се нотира заедничка циркулација на Influenza А и Influenza B вирусот.
Во текот на осмата недела од годинава во вирусолошката лабораторија на Институтот за јавно здравје тестирани се 64 материјали за грип. Од тестираните материјали, 43 (67,2 отсто) се позитивени за присуство на вирусот на инфлуенца – 29 Influenza B(Yamagata), девет Influenza A (H1N1)pdm, три Influenza A несубтипизиран и две Influenza B неодредена линија.