Нови 12 наслови од проектот за превод на илјада стручни книги од кои се учи на првите десет рангирани универзитети во светот беа промовирани денеска, а се од областа на медицината и стоматологијата, претприемаштвото и иновациите, право, внатрешна безбедност…
Со нив бројот на преведени, објавени и дистрибуирани учебници во библиотеките и факултетите достигна 762. На промоцијата премиерот Никола Груевски рече дека очекува последната четвртина од капиталниот проект да биде реализирана до крајот на годинава, но дека и по неговото заокружување ќе има други изданија во високото образование, како што е проектот за книги од областите филозофија, психологија и историја.
Истакна дека студентите сега имаат можност на мајчин јазик да учат за најновото во науката, од врвни светски автори, со што ќе добијат и знаење и самодоверба знаејќи дека учат од книги како и нивните врсници во светот. Затоа повика учебниците да се користат постојано, како примарна литература.
– Овие книги се уште една придобивка која треба да придонесе за зголемување на моќноста и раздвижување на македонското општество. Целта е да го разбудиме креативниот дух кај младите, да ги охрабриме поинаку да размислуваат и да се борат за поквалитетен живот, користејќи ги максимумот на својот капацитет, вештини и идеи, рече претседателот на Владата, порачувајќи им на младите да ја искористат шансата за знаење која ќе го поттикне нивниот претприемачки дух и ќе им донесе напредок во кариерата и подобар живот.
И министерот за образование и наука Панче Кралев рече дека преведените учебници се врвни дела кои даваат можност за надоградување на талентот, знаењето и вештините со најнови сознанија во одредени области.
– На вас останува добиеното знаење да го реализирате во животот и да го ставите во функција на остварување на своите визии, храбро преземајќи иницијативи и работејќи на реализирање на своите идеи. Во образованието го имате најмоќното оружје за да го промените светот, рече министерот Кралев.