„Мартинки“ – поетски избор на Весна Ацевска во Хрватска

Од:

Хрватската издавачка куќа ФИДИПИ објави поетски избор од Весна Ацевска, со наслов „Мартинки“, кој се продава во книжарниците во Загреб. Изданието содржи стотина песни од сите стихозбирки на Ацевска, а автори на изборот и на препевот на хрватски јазик се проф. Борислав Павловски и поетесата Ружица Циндори.

– Мартинки се посебен вид украси, кои се даруваат за здравје, среќа и љубов. Песните во овој избор се мои пролетни мартинки за читателите, тие ги содржат студот и свежината на раната пролет, но и надежта во растежот на светлината и топлината. Оваа спротивност е виножитен мост по кој истовремено патуваат животот и смртта, изјави Ацевска.

Борислав Павловски, проф. на Филозофскиот факултет во Загреб,  истакнува дека поезијата на Ацевска се одликува со будност, концентрација и контемплација, но и со лиризам, а понекогаш и со енигматски метафорчни поенти. – Нејзини генерални одлики се сликовитоста и појмовноста. Сликовитоста е инпрегнирана со метафоричноста, а појмовноста напати инклинира симболичност…“, пишува тој во поговорот објавен во изданието, „Будност или раѓање на зборот во глува ноќ.

Објавувањето на  изборот поезија од Ацевска е овозможено со финансиска потпора на литературната мрежа ТРАДУКИ и на Министерството за култура на Хрватска. Издавачот ФИДИПИД во Хрватска е  познат по ангажираното објавување на врвни дела од норвешката книжевност (од Кнут Хамсун па до Ларс Сабај Кристенсен).

Весна Ацевска (Скопје, 1952) е авторка на шест поетски книги и на три романи за млади, како и на голем број препеви од руски и од јужнословенски јазици. Нејзини поетски избори се објавени на македонски, албански и на англиски јазик во Македонија, како и во Романија, Турција, Србија, Бугарија, Полска, а сега и во Хрватска. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Македонскиот ПЕН-центар, на Интернационалното друштво „Калеваласеура“ од Хелсинки и на Академијата „Славјанска прегратка“ од Варна. Носителка е на наградата „Браќа Миладиновци“ на Струшките вечери на поезијата, двапати на наградата  „Григор Прличев“ на Друштвото на литературните преведувачи на Македонија, за препевите на финскиот еп „Калевала“ и на нордискиот еп „Стара Еда“, како и на почесно признание од „Калеваласеура“ во Република Финска.

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: СДС да не глуми загриженост за културата – тие ја претворија во партиска каса и платформа за криминал

Предраг Петровиќ

Презентиран тизерот за новиот хорор филм „Him“: Го продуцираше оскаровецот Џордан Пил

Предраг Петровиќ

Актерот Сашо Тасевски доби награда за улогата Фестер Адамс во претставата „Фамилијата Адамс“

Саем на книга 2025 – книгите се многу повеќе од зборови, тоа се мостови што поврзуваат луѓе, култури, идеи

МАНУ промовираше тритомно издание „Кочо Рацин“

Нови датуми за Глумците Пеат