(ВИДЕО) Алаѓозовски: Министерството ќе се реформира, а улогата на културниот систем ќе се враќа во нормала

Од:

Владата на Република Македонија ги усвои стратегијата за развој на културата 2018-2022 и акцискиот план, со кои и практично го отвораме процесот на темелни реформи, преструктуирање и обнова на културниот систем во Република Македонија. Со стратегијата целиме кон оживотворување на нашата визија за градење едно општество за сите, децентрализација и деметрополизација на културата и пристап до неа за сите граѓани еднакво, изјави во своето денешно обраќање министерот за култура, Роберт Алаѓосовски.

„Во изминатите месеци спроведовме повеќе институционални акции, со кои ги спречивме пропаѓањето на културниот систем во повеќе сегменти и непродуктивното трошење на парите на граѓаните. Поконкретно, изменивме 4 закони, го запревме пропаѓањето на културното наследство, ги оневозможивме клиентелистичките привилегии и стопиравме да се одлеваат пари за „Скопје 2014“. Подготвивме буџет и спроведуваме активности со кои ги враќаме долговите за да спречиме огромни камати, ги санираме објектите на културата и овозможуваме проекти на голем број актери во културата. Годинава отвораме повеќе процеси за преструктуирање на системот во кои ги очекуваме учеството и придонесот на јавноста и сите заинтересирани“, рече министерот за култура.

Тој воедно ги презентира конкретните зафати за реформи во културниот сектор, односно клучните сегменти од акцискиот план, кои, како што рече, се во напредна фаза на подготовка.

Станува збор за децентрализација на културата, односно поддршка на сите иницијативи на општините да основаат нови културни установи или да го зголемат бројот на институции под нивна надлежност. Следен важен сегмент е заштитата на културното наследство и музеите, каде што ќе се спроведе ревизија на состојбите во установите и во Управата за заштита на културното наследство. Воедно, ќе се изработи и стратегија за заштита и подготовка на нов закон за заштита на културното наследство. Во музејската дејност ќе бидат спроведени измени на Законот за музеите и подготовка на неопходните подзаконски акти.

Како поддршка на граѓанскиот и на независниот културен сектор, годинава ќе се работи на основање одделение за развој и финансирање современи независни интермедијални и интередисциплинарни културни и уметнички практики. Кај самостојните уметници ќе се изврши ревизија на доделениот статус на самостоен уметник, либерализација на условите и постапките и стимулирање поголем број самостојни уметници како суштински придонес во поддршката на уметничкото творештво.

Алаѓозовски исто така најави дека Министерството за култура ќе се реформира, а улогата во културниот систем ќе се враќа во нормала.

„Тоа веќе нема да биде авторитарен фактор на културниот живот и главен арбитeр како претходно. Ги ревидираме постојните ресурси, мрежата на национални установи, со насоки за годишно и повеќегодишно финансирање на новата мрежа на установи; Министерството станува регулатор на општите рамки на културниот систем и ќе ги утврдува основните цели на културната политика. Обезбедуваме транспарентност во информирањето за финансиското работење“, истакна министерот.

Во денешното овраќање Алаѓозовски најави и реформа на системот на финансирање, која подразбира дека националните установи ќе добиваат резервиран буџет врз основа на стратешки план за период од три години. Програмите ќе си ги утврдуваат самите залагајќи се за вкоренетост во локалните заедници чии културни потреби ги задоволуваат. Реформи во филмската дејност подразбираат преиспитување на законското решение за финансирање на Агенцијата за филм, со цел да се дојде до праведно решение за сите засегнати страни и ревизија на досегашните финансирани проекти.

На крајот, министерот за култура се задржа и на библиотечната дејност за каде што се предвидени измени и дополнувања на Законот за библиотеките и подготвување подзаконски акти од областа, како и дополнувања на Националната класификација на културното наследство.

Би можело да ве интересира

Алаѓозовски и Поповски назначени на нови функции во Владата

Жарко Настоски

(ВИДЕО) Алаѓозовски: Бифето на Министерството за култура не е кафеана

Наум Локоски

Алаѓозовски: Шпекулации се информациите дека се отстранува Воинот на коњ

Наум Локоски

Алаѓозовски: Не прикриваме ништо, ниту одбегнуваме одговорност

Наум Локоски

Алаѓозовски во Давос: Македонија го поддржува концептот на култура на изградба

Наум Локоски

Република Македонија и НР Кина потпишаа Извршна програма за културна соработка за периодот 2018-2023 година

Наум Локоски