Министерот за култура Роберт Алаѓозовски изјави дека не прикриваат ништо и дека не одбегнуваат одговорност, по бројните реакции за проектите на кои им се доделени пари со Програмата за култура во 2018 година.
Тој изјави дека не може да одговара за поединечни проекти и истакна дека се отворени да примаат известувања за какви било неправилности.
– Максимално сме отворени и презедовме храбар чекор затоа што ги објавивме и имињата на добитниците, и доделените и побараните средства. Не прикриваме ништо, ниту одбегнуваме одговорност. Расположени сме и упатуваме повик до сите граѓани и вработени во институциите и надвор од нив, доколку имаат сознанија за каква било неправилности да не известат. Ние ќе постапиме согласно процедурите и законите, рече Алаѓозовски на прес-конференција попладнево во Владата на која соопшти дека на тековната седница е усвоена Националната стратегија за развој на културата 2018-2022.
Алаѓозовски истакна дека се подготвени да преземат и соодветни чекори за одговорност, а побарале и мислење од Антикорупциската комисија.
– Комисиите ќе ги преиспитаат сите проекти за кои ќе се утврди неправилност од аспект на замерките кои беа изнесени во јавноста. Некои носители на проекти веќе повлекоа дел од проектите. Остануваме отворени и максимално сме расположени сите неправилности да ги коригираме, рече министерот за култура.