„Исполнети се сите услови, на претстојниот Самит на НАТО во Чикаго или на кој било иден собир на негови овластени претставници, на Република Македонија да и биде упатена покана за членство под референцата Поранешна Југословенска Република Македонија, со уважување како рес јудицата на пресудата на МСП дека Република Грција не може да се противи на нејзиниот прием“, со соопштение се огласи Македонската академија на науките и уметностите.
Во соопштението стои: „Со таквиот став НАТО ќе даде решавачки придонесе за побрзо завршување на преговорите помеѓу двете страни, за стабилизирање и побрз развој на Република Македонија, за побрзо развивање на нејзините односи со Република Грција и за стабилизација на регионот“.
Од МАНУ се со став дека „развивањето на добрососедски односи со Република Грција е приоритетен интерес на граѓаните на Република Македонија и оди кон проширувањето и продлабочувањето на заедничките економски и други интереси, отворајќи огромни можности за научна и културна соработка, на која заедно не обврзува фактот дека живееме во регион што е лулка на современата цивилизација и култура“.
„Сакаме посебно да истакнеме дека се попречува дејствувањето на главните фактори на општествен развој – науката, образованието и културата, кои поради тоа не се наполно интегрирани во единствениот европски простор на знаења, истражувања и мултикултурен развој и се соочуваат со отежнати услови на меѓународна научна и културна соработка,стои во соопштението од академијата.