Владмир Ѓорчев од ВМРО-ДПМНЕ денеска на прес-конференција рече дека по доаѓањето на СДСМ на власт, цената на дизелот се зголеми за 30 отсто, а истовремето цената е обременета и со зголемувањето на акцизата за 3,5 денари по литар.
– Ги повикуваме и Зоран Заев како премиер и Драган Тевдовски како министер за финансии веднаш и неодложно да ја укинат акцизата која што ја зголемија од 1 јануари. Затоа што цената на бензините и на дизелот се неиздржливи за граѓаните на Република Македонија. Наследија цена на дизелот за 46 денари, а веќе денес цената на литар дизел е 60 денари. За време на владата на СДСМ цената отиде од 46 на 60 денари. Тоа е зголемување ни помалку ни повеќе од 30 проценти. Значи премиерствувањето и министерувањето на Зоран Заев и Драган Тевдовски ги чини граѓаните на Република Македонија 30 проценти зголемена цена на бензинот и дизелот. Од тие причини веднаш нека ја укинат акцизата која што ја наметнаа, да се однесуваат рационално и да придонесат за растеретување на овие енормни трошоци кои што ги има секое домаќинство во Република Македонија, секое семејство, секоја транспортна фирма и вкупно економијата во целост, се рече Ѓорчев.
Тој додаде дека земјата е во ситуација каде што постепено фаќа инфлаторна спирала и со зголемувањето на цената на дизелот и на бензините нагоре ќе одат и сите други цени. Тој ја повика властта да се откаже од наметната давачка и да ја олеснат работата на семејствата, граѓаните и на стопанството.