На Ростушки мост и оваа година голем беше бројот на верници кои го следеа фаќањето на крстот во водите на реката Радика. Најсреќен меѓу учесниците беше Никола Аврамовски, просветен работник од Битола, кој го фати крстот што беше положен по повод денешнот голем христијански празник Богојавление – Водици.
На фрлањето на крстот во Радика претходеше Божествената Златоустова Литургија во храмот „Пресвета Богородица“ во сeло Ростуше одржана од братсвото на Бигорскиот манастир, на која присуствуваа и сестрите од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“.
И оваа година Светиот крст во водите на река Радика го фрли Архимандрит Партениј, игумен на Бигорскиот манастир, а во фаќањето истиот учествуваа околу 100 млади од регионот на Река, но и од други градови на Македонија и тоа Скопје, Гостивар, Тетово, Битола итн.
Локалната самоуправа на општина Маврово – Ростуше и оваа година додели награди за лицето кое го фати крсотот. Градоначалникот на општината, Медат Куртоски, по честитката и наградата што му ја додели на Никола Аврамовски од Битола изјави дека во овој регион христијаните и муслиманите секогаш меѓусебно се почитувале. Инаку и оваа година покрај верниците христијани фрлањето на крсот на Ростушки мост го следеа и повеке локални жители кои се припадници на муслиманската вероиповед.
К.М.