Предвремени парламентарни избори се одржуваат денеска во Севернокипарската турска република по последните минатогодишни неуспешни преговори за обединување на островот.
Кипар брои околу 1 милион жители, а поделен е од 1974 година, кога северниот дел беше окупиран од Турција. Самопрогласената Севернокипарска турска република е формирана во 1983 година, а досега признаена е само од Анкара. Во неа спаѓааат 38 отсто од територијата на островот, а има 300 илјади жители. Меѓународно признатата Република Кипар е членка на ЕУ од 2004 година.
Севернокипарската турска република сега е управувана од коалиција на десничарската националистичка Партија на национално единство и конзервативната Демократска партија.
Демократската партија на Сердар Денкташ, син на поранешниот лидер и основач на Севернокипарската турска република Рауф Денкташ, според аналитичарите не би можел да го помине цензусот од пет отсто поради внатрепартиски спорови.
Партијата на националното единство и Републиканската турска партија во Северен Кипар се двете главни партии на овие избори, по кои следува Народната партија на Кудрет Јозерсаи, поранешен преговарач во мировниот процес.
Овие избори, според аналитичарите, ќе доведат до формирање на коалициска влада, бидејќи ниту една од партиите не се очекува да освои мнозинство во 50-члениот Парламент.