(ВИДЕО) Близнаците Тео и Тони новата година ја дочекаа во темница: Сега е добро, во 2018 да биде подобро

Од:

Дочекот на новата година и испраќање на старата за многумина беше повторно најлудата ноќ во годината. Играа, се веселеа, но за семејството Зафировски оваа вечер беше уште една во низата поминати без струја и во тишина.

Близнаците Тео и Тони заедно со своите баба и дедо новата година ја пречекаа на скромна трпеза со желба и надеж дека во годината која следува работите за нив ќе се променат и тешката состојба во која се наоѓаат ќе биде надмината.

– Изминатата година беше добра, оваа новата нека биде подобра, посака бабата на Тео и Тони.

Благодарение на хуманите граѓани Тео и Тони за новогодишната ноќ добија месо на скара, а нивната баба подготви руска салата, сарма и погача на стариот шпорет на дрва. За останатите граѓани оваа трпеза на семејството Зафировски е скромна, но за нив, како што вели бабата Станка, тоа е најобилната вечера која некогаш ја имале при што по којзнае по кој пат се заблагодари на сите хумани граѓани кои им испратија храна, топла облека и дрва за огрев.

– Баба и дедо да бидат здрави, беше желбата на близнаците за Новата година.

Но, и покрај многуте донации, проблемот со електричната енергија остана нерешен, темницата во кој живеат и долгот за струја од 550.000 денари се уште се на плеќите на дедото Веле кој низ солзи вели дека залудно стојат печката и фрижидерот кои им ги подарија, кога нема на што да ги приклучат.

Дедото Веле, благодарение на оваа хуманитарна акција, од 2 јануари ќе започне со работа во ЈП „Паркови и зеленило“ во општина Аеородром, поточно во Долно Лисиче каде и живее со своето семејство. Тој јавно побара доколку е возможно долгот за електрична енергија да му биде избришан, а струјата вратена бидејќи земајќи ја во предвид работата, ќе има можност да ги плаќа сметките кои ќе пристигнуваат.

Помош од владата побара и бабата на Тео и Тони.

-Јас знам дека сум должник, ама тоа е сиромаштијата. Нека помогнат со струјата, јас ветувам дека ќе плаќам редовно секој месец натаму.

Во новата година, семејството Зафировски ќе добие, тоалет, санитарии, саниран покрив, како и ламинат со кој ќе се покрие бетонот по кој одат седумгодишните Тео и Тони. Од градежната фирма, која доброволно се пријави да му помогне на ова социјално загрозено семејство, ветија дека ќе се потрудат целосно да ја санираат куќата за Тео и Тони повеќе да не мора да јадат, учат и да се бањаат во студените соби низ кои поминува студениот зимски ветер поради импровизираните прозорци и врати.

Виктор Јованов

Би можело да ве интересира

Дедото на близнаците Тео и Тони од 1. јануари започнува со работа

Ана Ололовска

Семејството Зафировски има долг за струја од 531.922 денари

Ана Ололовска

ВИДЕО: Донациите за Тео и Тони пристигнуваат, но уште се без тоалет и струја

Наум Локоски