Европската централна банка (ЕЦБ) претстави нова банкнота од пет евра со подобра заштита од фалсификување на која за првпат зборот „евро“ ќе биде испишан и на кирилица.
Единствена земја која користи кирилица во ЕУ е Бугарија, која не е членка на еврозоната, па испишувањето на зборот „евро“ на кирилица се толкува како политички сигнал на доверба на ЕЦБ за идното проширување на зоната во која се користи заедничката европска валута.
Кириличното писмо го користат и две земји кандидати за ЕУ, Македонија и Србија.
Новата банкнота има топли бои и ја краси портрет на феникиска принцеза Европа од грчката митологија. Ликот на божицата е преземен од вазна стара 2000 години, а која се наоѓа во музејот Лувр во Париз.
На прв поглед разликите меѓу досегашните евро банкноти и оваа се минимални, но тие стануваат многу позабележливи при допир, зашто во нив се втиснати испакнати линии на левиот и десниот ќош.
Новата банкнота ќе влезе во оптек на 2 мај 2013 година, а таа беше претставена од претседателот на ЕЦБ, Марио Драги.