Убиството на трите активистки од Курдската работничка партија (ПКК) во Париз можеби е провокација поради преговарачкиот процес со курдскиот бунтовнички лидер Абдула Оџалан за разоружување на ПКК, изјави денеска турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган.
Тој нагласи дека е потребно да се почекаат резултатите од истрагата и потоа да се коментира настанот.
– Во моментов во Турција во тек е процес против тероризмот и тоа што се случи е можеби провокација, која има за цел да го спречи тој процес, но постојат и други можности за инцидентот, истакна Ердоган на прес-конференција во Дакар, каде ја завршува својата посета на Африка.
Претходно денеска турскиот вицепремиер Булет Аранч посочи дека можни се повеќе причини за тројното убиство и го осуди нападот и изрази жалење поради смртта на трите жени.
Активистките на ПКК се убиени синоќа во центарот на Париз од непознати вооружени лица. Нападот бил извршен во Центарот за информации на Курдистан, кој се наоѓа во десеттиот арондисман во Париз. Нивните тела беа пронајдени нешто пред два часот изутрината, а две од жените беа убиени со куршум во тилот, третата била погодена во стомакот и челото. Жртвите се идентификувани какко Сакине Џансуз, за која се вели дека е меѓу основачите на организацијата, Лејла Сојлемез и Фидан Доган.
Во меѓувреме стотици курдски активисти се собраа во Париз во знак на протест поради убиството на трите курдски активистки.
„Сите ние сме ПКК“, „Турција е убиец, Оланд е соучесник“ и „Тие не се мртви“ извикуваа активистите, веејќи знамиња со ликот на Оџалан.
Францускиот министер за внатрешни работи Мануел Валс, кој изутрината го посети местото на злосторството изјави дека станува збор за „убиство по куса постапка“.