Емотивна, весела, дискаџиска претстава која ќе ве расположи и од која ќе си заминете со многу ендрофин, рече на прес-конференција режисерката на мјузиклот „Мама миа!“ Наташа Поплавска пет дена пред премиерата в недела, 24 декември, во Македонскиот народен театар.
Претставата, која интензивно се подготвуваше изминатите два месеца, е копродукција помеѓу МНТ и словенечката компанија „Проспот“ која ги има ексклузивните права за мјузиклот „Мама миа!“ во земјите од регионот. Приказната е позната и прикажана на филм – тинејџерка во потрага по својот вистински татко на еден грчки остров, раскажана преку хитовите на АББА (музика на Бени Андерсон и Бјорн Улвеус) по текст на Кетрин Џонсон.
Актерите во мјузиклот ги пеат на македонски песните на шведската група од 1970-1980-тите, освен евровизиската „Ватерло“ која е во оригинал и за крај на претставата. Препевот е на Тина Трпкоска. Поплавска, која пред две години во МНТ го постави и бродвејскиот мјузикл „Чикаго“, и овојпат соработува со кореографката Олга Панго и со диригентката Бисера Чадловска.
„Мама миа!“ ќе трае 180 минути и по премиерата на 24-ти, ќе има уште три изведби во оваа година (26-ти, 28-ми и 29 декември), а за јануари 2018 се закажани за 12-ти,13-ти и 23-ти.
Директорот на МНТ Драган Спасов соопшти дека размислуваат за македонски мјузикл со песни од македонски композитори, за кој треба да се напише љубовна приказна, а би го подготвиле за почетокот на 2019.
МНТ и оваа година ќе организира пречек на Нова година на 31 декември со настап на неколку македонски бендови и со стендап на Сашко Коцев.