Себастијан Пињера е победник на претседателските избори во Чиле, откако освои 54,57 отсто од гласовите, соопштија од изборната комисија.
Алехандро Гилиер, неговиот противкандидат го призна поразот и истакна дека му ја честитал победата на Пињера и од него побарал да продолжи со спроведувањето на реформите започнати од досегашната претседателка Мишел Бешлет.
Пињера во текот на кампањата вети намалување на даноците за бизнис за одржување на економски раст, како и започнување на четиригодишен план во вредност од 14 милијарди долари, за инвестиции во инфраструктурата.
Гилиер во кампањата ветуваше продолжување на планот на Бешлет за зголемување на данокот на корпорациите, со што би се финансирала реформа на образованието, реформирање на Уставот и подобрување на пензискиот и здравствениот систем.
Пињера претходно ја водеше земјата од 2010 до 2014 година.