Приходите на домаќинствата се намалени во голем број европски држави во периодот 2009-2011 година, освен во Франција и Германија, се вели во извештај на ЕК.
– По петгодишна економска криза и враќање на рецесијата во 2012 година, невработеноста е на рекордно ниво во изминатите 20 години, приходите на домаќинствата се намалени, а опасноста од сиромаштија расте, особено во државите од јужна Европа, се вели во извештајот на ЕК.
Нето приходите на домаќинствата во две третини од државите од ЕУ во тој период се намалени – најголем пад на приходите од 17 отсто е регистриран во Грција, а во шпанските и кипарски домаќинства намалувањето е осум отсто.
Следуваат домаќинствата во Ирска со пад од седум отсто и естонските со пет отсто.
Во Франција и Германија приходите се зголемени во периодот 2009-2011 и покрај економската криза.
Во извештајот се вели дека во 2013 година не се очекува подобрување на постоечката ситуација пред се заради рекордната стапка на невработеноста која минатиот ноември беше 11,8 отсто и опфаќа 18,82 милиони луѓе.