Турската Влада и лидерот на курдските бунтовници Абдула Оџалан договорија план за ставање крај на конфликтот во кој од 1984 година досега загинаа 40 илјади лица, кој предвидува разоружување на бунтовниците во замена за поголеми граѓански права, пишува турскиот весним „Радикал“.
Високи владини разузнавачки претставници се сретнаа со лидерот на Курдската работничка партија (ПКК), кој се наоѓа во затвор на островот Имрали, во близина на Истанбул и постигнаа договор за план од четири фази за решавање на конфликтот, додава весникот.
Имајќи предвид дека претходните преговори на турските власти со ПКК се држени во тајност, обелоденувањето на најновите контакти буди надеж за обновување на напорите за постигнување мир, нагласува „Радикал.
– Состанокот со Оџалан беше правилен и логичен чекор, мирот во Турција може да почне само на таков начин, изјави лидерот на прокурдската Партија за мир и демократија, Селахатин Демиртас.
Според весникот планот предвидува по иницијалното ставање крај на непријателството борците на ПКК да се повлечат од турска територија, по што ќе почнат преговори за разоружување, со цел на крајот да го положат оружјето.
Оџалан својата визија за решавање на конфликтот ќе ја изнесе во четири писма, кои ќе ги испрати до Партијата за мир и демократија, командантите на ПКК во северен Ирак, до Европа каде се стационирани голем број активисти на групацијата и до турската јавност.
Спогодбата би вклучувала ослободување од затвор на илјадници лица обвинети за врски со ПКК, а ќе доведе и до уставни реформи, со кои би се отстраниле препреките за воведување на курдскиот јазик во наставата, би се овозможило јакнење на локалната администрација и би се вовела етнички неутрална дефиниција на државјанството, според која во Турција живеат државјани на Турција, а не турски државјани.
Засега нема официјална потврда за постигнување на спогодбата, а „Радикал“ не ги наведува своите извори, но весникот се смета за доверлив медиуми, кога станува збор за курдското прашање, јави Танјуг.
Во спогодбата не се содржи прашањето за независен Курдистан, федерација или концепт на демократска автономија, кој го предлагаат курдските политичари.
Во меѓувреме судирите не престануваат и синоќа во близина на ирачката граница загинаа 14 борци на ПКК и еден турски војник.
Од почетокот на судирите во 1984 година борбите се водат во планинските турски региони на границата со Иран, Ирак и Сирија, но бомбашките напади се случуваат и во градовите.
ПКК од Турција, САД и ЕУ е прогласена за терористичка група.