„Варајети“: Филмот „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески ја носи македонската филмска индустрија на ново ниво

Од:

Њујоршки „Варајети“ (Variety), едно од највлијателните филмски списанија во светот напиша ѕвездена рецензија за македонскиот филм „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески.

Известувајќи од меѓународниот филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин, Естонија кој се одржува од 17 ноември до 3 декември 2017 година, Џесика Кјанг од „Варајати“ има само пофални зборови за филмското деби на Ставрески. Според неа, имајќи го предвид сценариото на „Secret Ingredient“ (како што е познат филмот во странство) „веројатно би требало да биде еден од најдепресивните филмови годинава. Но наместо тоа, соодветно за филм што на свој начин се справува со чуда, тој е еден од најсмешните, најпаметните и најдрагите филмови.“

Рецензијата оди и чекор подалеку и го смета филмското деби за исчекор кој може да ја повлече и целата македонска филмска индустрија. „Прекрасниот „Secret Ingredient” – кој не само што ќе послужи како силна отскочна штица за кариерата на Ставрески, туку дури може да ја повлече напред и пошироката македонска филмска индустрија – сосема заслужи да го добие колачот наполнет со трева, и да го изеде“, заклучува „Варајети“. Филмот, кој се натпреварува во категоријата дебитантски филмови, ги распродаде сите три прикажувања во Естонија. Според известувањата од режисерот Ѓорче Ставрески, публика имало дури и на скалите, а фановите на филмот барале да се фотографираат со екипата. Објавувањето на рецензијата на „Variety“, коинцидираше со вчерашната специјална проекција на филмот на која присуствуваа статистите – работници од депото на Македонски железници. По проекцијата, филмот беше дочекан со громогласен аплауз.

Пред „Варајети“, филмот доби одлични рецензии од македонската, но и светската критика. За филмот веќе пишуваа „Screen Daily“, „Cineuropa“, „Cinevue“ и други значајни филмски списанија и блогови. Хрватскиот онлајн магазин „Монитор“ веќе го прогласи филмот за најдобар на фестивалот во Талин.

Освен кај критиката, филмот остварува успех и кај публиката. На својата премиера на Солунскиот филмски фестивал „Исцелител“ ја освои наградата од публиката, прв пат во нашата историја. На својата македонска премиера во рамки на фестивалот „Синедејс“, филмската екипа беше дочекана со овации од публиката.

Во текот на наредната недела на 5-ти и 6-ти декември 2017год. филмот ќе има проекции и на фестивалот на Медитерански филм во Брисел.

Филмот моментално се прикажува во кината Синеплекс и Милениум.

Би можело да ве интересира

„Исцелител“ не влезе во трка за Оскар за најдобар филм од неанглиско говорно подрачје

Наум Локоски

„Исцелител“ на Ѓорче Ставрески – македонски кандидат за Оскар

Ана Ололовска

„Тајната состојка“ на „Исцелителот“ откриена во Атина

Наум Локоски

„Исцелител“ ќе се натпреварува на филмскиот фестивал „Let’s CEE“ во Виена

Наум Локоски

„Исцелител“ во официјална конкуренција на филмскиот фестивал во Кливленд

Наум Локоски

„Исцелител“ се закити со награди во Обањ и во Рим

Наум Локоски