Приходите и приливите во Буџетот на Република Македонија десетте месеци од годинава се во рамки на очекувањата за овој период, а плаќањата на расходите се реализираат редовно и навремено.
Ова го посочи министерот за финансии Драган Тевдовски денеска образложувајќи го Предлог-буџетот за наредната година во собраниската Комисија за финансирање и буџет.
Рече дека вкупните приходи се реализирани во износ од 146,4 милијарди денари или 79 отсто, односно тие се повисоки за 4,4 проценти во однос на наплатените во тој период од претходната година. Од овој износ, 87 милијарди денари се даночни приходи, кои бележат пораст од 3,4 милијарди денари или четири отсто повеќе во однос на лани. Приходите од ДДВ се реализираа за 1,9 отсто повеќе во однос на истиот период во 2016 година, односно достигнаа ниво од 39,9 милијарди денари и истите доминираат во структурата на даночните приходи со 45,9 отсто.
Приходите од персоналниот данок на доход во периодот јануари-октомври 2017 година се наплатени во износ од 12 милијарди денари, што претставува раст од 7,5 проценти во однос на истиот период претходната година. Во истиот период наплатени се приходи од данокот од добивка во износ од 9,9 милијарди денари и се за 10 отсто повисоки во однос на истиот период од минатата година.
Повисоки од планираните се и приходите од акцизи и во десетте месеци од 2017 година тие достигнале ниво од 19,3 милијарди денари, што е за 4,1 отсто повеќе од минатата година.