Македонскиот филм „Исцелител“ на Ѓорче Ставрески вечерва ќе ја има својата премиера на меѓународниот филмски фестивал „Црни ноќи“ во Талин, Естонија. Филмот ќе се натпреварува во категоријата дебитантски филмови. Ова е прво учество на македонски филм на престижниот филмски фестивал во Талин.
Интернационалниот филмски фестивал на Талин е основан 1997 година и е еден од најзначајните фестивали во Европа. Тој е еден од петнаесетте светски водечки фестивали акредитиран во „А категорија“ заедно со Берлин, Кан, Венеција, Токио и други. Се прикажуваат повеќе од 250 филмови, кои доаѓаат од над 70 различни земји. Лани фестивалот имал 80,000 посетители. Освен во Талин, филмот веќе е селектиран на уште еден филмски фестивал од „А категорија“, интернационалниот филмски фестивал во Индија – Гоа (ИФФИ).
„Исцелител“ оствари фантастичен успех на својата премиера на Солунскиот филмски фестивал каде ја освои наградата од публиката, прв пат во нашата историја. На својата македонска премиера во рамки на фестивалот „Синедејс“, филмската екипа беше дочекана со овации. Македонските филмски критичари му дадоа одлична оценка на првото остварување на Ѓорчески. Филмот моментално се прикажува во кината Синеплекс и Милениум.