Европскиот шампион Вардар на денешниот дуел од 8.коло од Лигата на шампионите на домашен терен против германскиот првак Рајн Некар Ловен ќе настапи без двајца стандардни играчи Лука Циндриќ и Фереира Мораеш. Двајцата поради повреди ќе го прескокнат денешниот натпревар, кој го има епитетот дерби на колото.
Ова ќе биде дуел на двете непоразени екипи во групата А Вардар и РНЛ. Вардар има еден нерешен резултат, а РНЛ – три нерешени исходи.
Лани на натпреварот од групата на овие две екипи во Скопје победи германскиот тим со 29:26 и тоа е последниот домашен пораз на „црвено-црните“.
Во отсуство на Циндриќ и Мораеш, тренерот на Вардар Раул Гонзалез ќе настапи со следните 16 играчи: Арпад Штербик, Стојанче Стоилов, Владо Недановски, Мартин Поповски, Даинис Кристопанс, Страхиња Милиќ, Хорхе Македа, Игор Карачиќ, Илија Абутовиќ, Жоан Кањелас, Иван Чупиќ, Тимур Дибиров, Данил Шишкарев, Вуко Борозан, Јања Војводиќ и Мијало Марсениќ.
Во редовите на Рајн Некар Ловен ќе настапи македонскиот репрезентативец Филип Талески.