Турскиот министер за енергетика Берат Албајрак, кој е зет на претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, и неговиот брат Серхат Албајрак се вмешани во истражувањето за „Рајските документи“, објави турскиот весник „Џумхуриет“ во текст под наслов „Офшорни браќа“.
Во времето кога браќата Албајрак раководеле со турската компанија „Чалак холдинг“, отвориле многу оф шор компании поврзани со холдингот. Серхат бил директор на една од тие фирми.
Во податоците што ги објави Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ) се наведува дека тој бил поврзан со малтешката компанија „Фрокс Интернешнал Трејдинг“, основана во јануари 2003 година. Компанијата била активна до септември 2009 година.
Во тој период Серхат Албајрак бил генерален директор на „Чалак холдинг“ до 2007 година, а потоа функцијата ја презел неговиот брат Берат.
Претходно беше јавено дека наводно и осум компании, кои се поврзани со семејството на турскиот премиер Бинали Јилдирим, биле регистрирани во даночниот рај Малта.
Со „Рајските документи“ се обелоденува дека тие компании се поврзани со синовите, чичковците и внуците на Јилдирим.
Турскиот премиер, од своја страна, истакна дека наводите за неговата вмешаност во „Рајските документи“ се „апсолутни шпекулации“, целосно негирајќи ја поврзаноста на неговото семејство со оф шор компании.
– Специјално ќе инсистирам за истрага на оф шор компаниите, со цел да се види дека членовите на моето семејство никогаш, на никаков начин не биле вмешани во слични дела, нагласи Јилдирим.
Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари (ИЦИЈ) објави 13,4 милиони документи за финансиите на околу 120 политичари од различни држави.