Германија го поздрави објавувањето на документите за оф шор инвестиции и смета дека тоа е важен продинес во воспоставувањето транспарентност и борбата против затајувањето данок на меѓународно ниво, изјави денеска портпаролот на германската Влада, Штефан Зајберт.
– За германската Влада објавувањето на овие документи и работата на медиумите на тоа се добредојдени, затоа што со тоа се фрла светло на структурата, актерите и уживателите на паралелните даночни светови, рече Зајберт.
Тој потенцира дека со тоа се поддржува она што е важно во Германија, односно процесот на транспарентност на меѓународно ниво и се создава притисок врз земјите кои го блокираат тој процес.
Портпаролот на Министерството за финансии на Германија рече дека за германските даночни власти би било од помош кога документите, под име „Рајски документи“, би му биле достапни на Министерството.
Во исто време, портпаролот на германското Министерство за внатрешни работи рече дека и на полицијата би требало да и се овозможи увид во тие документи.
До протечените податоци дојде германскиот весник „Зидојче цајтунг“, кој ги подели со Меѓународниот конзорциум на истражувачки новинари и некои медиуми.