Најодговорен фактор за независноста на судството во Македонија е или треба да е Судскиот совет и затоа е потребна негова депрофесионализација, изјави денеска претседателката на работната група за изготвување на Стратегијата за реформи во правосудниот систем во Македонија Ана Павловска Данева.
– Ние сме единствената држава во светот каде што не е предвидено во закон никаков критериум и вид на одговорност на член на Судски совет. Не постои основ за нивно отповикување. Тоа е проблем кој треба задолжително да се реши и да се предвидат критериуми, постапка и органи врз основа на кои што ќе се утврдува евентуална одговорност на членови на Судски совет, изјави Павловска Данева.
Посочи дека критериумот истакнат правник, не е критериум, туку каучук истеглива норма, кој може и за жал се злоупотребува и, како што рече, мора да се прецизира кој и под кои услови може да стане член на Судски совет.
Претседателот на Судскиот совет на Македонија Зоран Караџовски, рече дека сите стратегии за реформи во сите сектори се повеќе или помалку политички чин и прашањето е колку во тоа професионалците на кои се однесува реформата се вклучени и колку е одговорено на нивните барања.
– Треба да се извршат суштински измени во критериумите, начинот на оценување на судиите, што директно влијае на понатамошната фаза за унапредување во кариерата, затоа што има недоречености во законот за судови и законот за судски совет. Како судија, сметам дека Судскиот совет нема да може квалитетно, навремено и ажурно да ја извршува својата работа доколку ова тело биде депрофесионализирано, рече Караџовски.
Посочи дека со тоа што во стратегијата за реформи се предвидува дел од судиите да се избираат на двоен начин и да се дозволи, освен досегашниот избор само од Академијата, влез на кандидати од редот на истакнати правници, професори и адвокати, го отвора прашањето за потребата од постоење на Академија на судии и јавни обвинители.
– Тоа би довело до двоен статус на определен број судии. Едни од редот на Академијата, кои што две години се обучуваат, полагаат приемни и квалификациони испити, а од друга страна да има можност лица правници со определн број години на стаж и положен број испити веднаш да бидат избрани, изјави Караџовски.
Караџовски и Данева учествуваа на дебатата „Реформи во правосудството во Македонија, Србија и Црна Гора – анализа на мерките и пристапите“ што денеска се одржа во Скопје, во организација на асоцијацијата за развојни иницијативи „Зенит“, а поддржан од Фондацијата Конрад Аденауер.