Приведениот Жељко Кунтош (48), кај кого е пронајден оригинален примерок од Дејтонскиот договор, го нудел овој документ на продажба за 100.000 конвертибилни марки, односно околу 50.000 евра.
Кунтош, документот на англиски јазик го криел во својата куќа на Пале, а со продажбата сакал да се стекне со противправна имотна корист.
Тој денеска е приведен под сомнение дека ги извршил кривичните дела трговија со влијание и фалсификување или уништување на официјални документи, потврди босанско-херцеговското Министерство за внатрешни работи.
Кунтош е некогашен припадник на обезбедувањето и близок соработник на Драган Калиниќ, поранешниот претседател на Народното собрание на Република Српска. Калиниќ, кој беше и лидер на Српската демократска партија, денес е советник на претседателот на РС, Милорад Додик.
Што се однесува на документот, станува збор за примерок кој го потпишаа тогашниот претседател на Хрватска Фрањо Туѓман, претседателот на Претседателството на БиХ Алија Изетбеговиќ и претседателот на СР Југославија Слободан Милошевиќ.
По церемонијата на потпишување во 1995 година, извршена во присуство на челниците на највлијателните западни земји, на претставниците на Хрватска, БиХ и СРЈ им е врачен по еден оригинален примерок од Дејтонскиот договор на англиски јазик.
Во 2008 година се откри дека примерокот на БиХ веќе одреден период е исчезнат без никаква трага, на што предупреди тогашниот член на државното претседателство Жењко Комшиќ. Нешто подоцна, и од Белград беше соопштено дека и нивниот примерок исчезнал, со претпоставка дека тоа се случило за време на бунтот против Милошевиќ во 2000 година.
Хрватска е единствената држава, која својот примерок го ставила на безбедно место и го чува и денес.
Засега не е познато дали пронајдениот примерок кој го имал Кунтош е оној кој им бил предаден на српските или на босанско-херцеговските власти.
Инаку, покрај овие три примероци, во светот постојат уште пет и тоа американски, германски, француски, руски и британски, а сите изворно се напишани на англиски јазик.