Романскиот Сенат денеска ја одобри законодавната иницијатива за промени во законот за организација и функционирање на националната информативна агенција Аџерпрес, кои дозволуваат разрешување на генералниот директор на агенцијата доколку Парламентот го отфрли годишниот извештај за работата на агенцијата.
За промените, предложени од членовите на владејачката Социалдемократска партија, гласаа 64 сенатори, 16 беа против, а 27 воздржани. Иницијативата треба да се разгледа и изгласа во Претставничкиот дом, кој е одлучувачки орган, по што законот би стапил во сила.
Организации за заштита на слободата на печатот претходно ги повикаа романските пратеници да го отфрлат предлогот со кој би му се дозволило на Парламентот да го разрешува генералниот директор на Аџерпрес, истакнувајќи дека тоа би и наштетило на политичката независност на агенцијата.
Писмото, потпишано од „Репортери без граници“, Европскиот центар за слобода на печатот и медиумите, Романскиот центар за независно новинарство и други организации, беше објавено пред самото гласање на сенаторите.
– Без разлика на која партија и припаѓате, не ја уништувајте таа институција. Не гласајте за тој закон, се истакнува во писмото.
Во моментов генералниот директор на Аџерпрес има петгодишен мандат и од агенцијата, која е под контрола на Парламентот, се бара да биде политички непристрасна.
Според Европската федерација на новинари, мерката е „инструмент за политизирање на услугите на јавните медиуми“.