Американската Администрација за безбедност во сообраќајот соопшти денеска дека отвораат прелиминарна истрага во Форд Мотор поради наводи дека кај 841.000 возила се можни проблеми со откачување на воланот додека возилото е во движење.
Агенцијата нагласува дека истрагата се однесува за возила од типот Форд Фјужн произведени во периодот 2014 – 2016 година по три поплаки од сопственици кои навеле за таков вид дефект додека го управувале автомобилот.
Од Форд соопштија дека ќе соработуваат во истрагата. Минатата недела Форд соопшти дека повлекува 1.34 милиони возила во Северна Америка од моделот Ф-150 и Супер Дјути Тракс откако сопственици се пожалија дека вратите им се отворале за време на управување со возилата.
Поправките ќе ја чинат компанијата 267 милиони долари.
Од 2016 година досега Форд повлече повеќе од пет милиони возила поради дефекти поврзани со врати на одредени модели.
Компанијата претходно објави план за поправање дефекти на свои нови возила од околу 935 милиони долари.