Општина Богданци објави јавен повик за финансирање на културни и спортски активности со средства од општинскиот буџет за 2018 година, на кој право на учество имаат правни лица и здруженија на граѓани од областа на културата и спортот кои делуваат на територијата на општината.
Според утврдените критериуми, посочија од општината, сите апликанти треба да дадат придонес во збогатувањето на културниот и спортскиот живот ,да ја реализираат утврдената програма, да ги поттикнуваат и афирмираат културното творештво и спортските активности, да се грижат за унапредување на стручната работа и усовршување на кадрите, да обезбедат континуитет на традиционалните локални манифестации и при тоа да не вршат политичко и верско организирање и дејствување.
Пријавите за учество на јавниот повик, со потребната документација, треба да се достават во архивата на општина Богданци најдоцна до 6 ноември, а граѓанските здруженија кои ќе добијат дел од буџетските средства ќе имаат обврска до крајот на јануари 2018 година да достават извештај за трошење на средствата во тековната година.