Во Подрачната единица на Хигиено-епидемиолошката служба на Центар за јавно здравје, Крива Паланка за два дена се портошени речиси сите дози вакцини против сезонски грип.
Годинава од Центар за јавно здравје се доставени 200 вакцини против сезонски грип, колку што биле набавени и минатата година.
– Вакцинацијата почна вчера, а интересот на граѓаните е огромен. Во текот на вчерашниот ден беа потрошени 120 вакцини, а денеска до пладне уште 70. Во тек е вакцинација на пациенти кои од утринава се дојдени, а очигледно вакцини ќе недостасуваат со оглед на масовната побарувачка, изјави д-р Елена Крстевска од ПЕ на ХЕС, Крива Паланка.
Таа рече дека најверојатно ќе биде направен дотур на одредена количина вакцини, поради големиот број на пациенти кои првпат решиле да се вакцинираат.
– Вакцината е ефикасна, а штити од сезонски грип, но и од настинка. Најголем дел од пациентите ја примаат самоиницијативно, пред се повозрасни лица, лица со кардиоваскуларни заболувања и дијабетичари, а има и такви кои се обраќаат во нашата служба по препорака на матичен лекар, додаде Крстевска.
Во подрачната единица на Хигиено-епидемиолошката служба на Центар за јавно здравје, Крива Паланка услуги користат пациенти од Кривс Паланка и Ранковце.