Ракометарите на Металург вечерва ги очекува тежок меч во регионалната СЕХА лига. Во СЦ „Борис Трајковски“ тимот на Металург го пречекува хрватскиот шампион ППД Загреб во дуел од петото коло.
Голманот на македонскиот вице-првак Дарко Арсиќ, е свесен за квалитетот на противникот, но смета дека Металург ја повтори играта од пред три дена кога го совлада Спортинг во дуел од Лигата на шампионите, тогаш тимот од Автокоманда може да се надева на нов успех.
– Свесни сме дека Загреб е силна и искусна екипа. Ние мораме да ја повториме играта од Спортинг, ако сакаме поволен резултат. Очекувам да бидеме на тоа ниво. Мислам дека низ овие неколку изминати натпревари созреавме како екипа и треба да продолжиме напред. Сакам да упатам повик и до навивачите да дојдат во што поголем број и да ни дадат поддршка на овој тежок натпревар. Мислам дека имаме сила и енергија да одиграме уште еден натпревар како против Спортинг Лисабон“, истакнува Арсиќ.
Дуелот меѓу Металург и ППД Загреб ќе се игра вечерва од 20 часот и 45 минути, додека претходно ќе се играат натпреварите меѓу Мепков Брест – Нексе и Татран Прешов – Динамо Панчево.
По четири одиграни кола, Металург има половичен „скор“ од две победи и порази и се наоѓа на 5.место на табелата, додека Загреб е втор (зад Вардар) со две победи и по еден пораз и нерешен резултат.