Во рамки на воената вежба „Здружена реакција 17“ на армискиот полигон Криволак, денеска беше спроведено кордонирање и пребарување на едно село-опасна зона, со цел приведување лидер на бунтовничка група и негово процесуирање во понатамошна постапка. При реализацијата во која учествуваа претставници од некоку држави, беа користени надворешен и внатрешен кордон и тимови за екстракција.
Директорот на вежбата полковник Блаже Николовски информираше дека основната цел е споделување на искуства на различни армии.
– Во случајов се работи за армиите на земјите членки од Иницијативата А5 и секако на нашите стратешки сојузници од националните гарди на Минесота и Вермонт. Би сакал да напоменам и дека Вермонт е нашата партнер нација од сојузната држава на САД. Суштината е како една задача да може да се изврши преку различни техники и процедури и да се стигне до крајната цел, а тоа е извршување на задачата поставена од претпоставената команда. И секако извежбување на штабните процеси на командите на единиците кои доаѓаат од земјите учеснички во вежбата, соопшти Николовски.
Toj nагласи дека овие вежби се од една исклучителна важност.
– Од едноставна причина што додека ги запознаваме нашите колеги, споделуваме искуства и пријателства. И најважно, ја подобруваме соработката меѓу нашите армии во целина, додаде тој.
Капетан Зоран Станкоски, припадник на батаљонот Воена полиција во вежбата и командир на интернационалната чета Воена полиција, составена од припадниците на воена полиција од Македонија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Вермонт, Националната гарда на Минесота и 709 батаљон од САД, рече дека целта на оваа вежба беше да се јакне довербата помеѓу потписничките на А5 Јадранската повелба и интероперабилноста со припадниците од САД.
Активноста беше во рамките на денот за посетители.