ХКЧП: Нормираниот учинок ќе претставува пречка за остварување на минимална плата

Од:

Законот за минимална плата со донесените измени се уште не нуди гаранција дека работниците од сите сектори ќе ја остваруваат законски пропишаната минимална плата од 12.000 денари и остава простор за манипулации, притисоци и злоупотреби од страна на работодавачите, изразува загриженост Хелсиншкиот комитет за човекови права.

– Иако номиналниот износ на минималната исплатена плата во Република Македонија за периодот септември 2017 – февруари 2018 се зголемува на 12.000 денари, сепак остануваат одредбите за исполнување на нормиран учинок како услов за исплата на минимална плата. Членот 1 од Законот предвидува дека нормираниот учинок ќе се утврдува од страна на работодавачот секоја година во февруари врз основа на критериуми за ефикасност во производниот процес утврдени од страна на работодавачот во соработка со работниците. Нормираниот учинок треба да е остварлив за најмалку 80 проценти од бројот на вработените за секоја техничко – технолошка целина, пооделно. Секторите каде што треба да се утврди нормираниот учинок и каде се наоѓа најголемиот процент на работници кои остваруваат минимална плата, како текстилната, кожарската, чевларската, рударската индустрија, се всушност сектори каде се јавуваат најголемите прекршувања на работничките права, се вели во реакцијата на Хелсиншкиот комитет за човекови права (ХКЧП), по повод измените на Законот за минимална плата во Република Македонија.

ХКЧП наведува дека во вакво опкружување тешко е да се верува дека работодавачите и работниците ќе имаат фер и конструктивен дијалог околу утврдување на критериумите за ефикасност во производниот процес и дека ќе донесат заедничка, согласна и објективна одлука.

– Законските измени не утврдуваат прецизни одредби што значи “соработката на работодавачот со работниците” при утврдувањето на нормираниот учинок. Нејасно е дали овие критериуми се утврдуваат со консензус на сите вработени, со мнозинство гласови на вработените, дали во преговарањето за утврдување на критериумите се вклучени сите вработени или претставник на вработените или пак претставник на синдикатот, кај оние работодавачи во кои вработените имаат основано синдикат, се вели во соопштението на ХКЧП.

Според ХКЧП, дополнително загрижувачки се и тврдењата на Синдикатот за индустрија, енергетика и рударство дека текстот на измените на законот кој бил усогласен на јавна расправа и потврден на Економско-социјалниот совет на 18.07.2017 од страна на трите социјални партнери воопшто не содржел одредби со кои се предвидува и дефинира нормираниот учинок.

Од ХКЧП сметаат дека усвојувањето на ваквиот закон суштински нема да ја зголеми минималната плата во секторите каде се бара исполнување на нормиран учинок и бараат итно менување на Законот за минимална плата во насока на отстранување на одредбите за нормиран учинок.

Би можело да ве интересира

Хелсиншки комитет: Институциите мора да ги заштитат осудениците во висок ризик

Ана Ололовска

„На образованието му треба сериозно проветрување од насилници“

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет: Инсистираме на објективна и навремена истрага и одговорност за трагедијата во тетовската болница

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет за човекови права: КСЗД утврди – Мото клубот Пелистер врши директна дискриминација

Ана Ололовска

Анализа: Пандемијата ја продлабочи нееднаквоста на лицата со попреченост

Ана Ололовска

Хелсиншки комитет за човекови права: Годишен извештај за криминалот од омраза во 2020, регистрирани 104 вакви инциденти

Ана Ололовска