Традиционалната манифестација „Пијанечки денови на сливата“ со која се промовираа производството на сината слива и специјалитетите кои се подготвуваат од ова овошје се одржа вчера пред летната сцена во Делчево.
На штандови беа изложени специфични локални специјалитети од сливи, а и во неколку казани се вареше делчевска жолта ракија.
Советникот во ЛЕР во општина Делчево Тони Стоименовски, истакна дека целта на оваа манифестација е да се поттикнат производителите и локалните бизниси за производството на сината слива што е во насока на локалниот економски развој.
– Со години наназад ја одржуваме манифестацијата за да се помогне на локалниот економски развој, бидејќи голем број семејства егзистенција наоѓаат во произвидството на сливата, но и многу локални бизниси се поврзани со ова овошје. Општината се труди во оваа манифестација да ги вклучи луѓето кои произведуваат слива и бизнис секторот кој опстојува со овој производ, истакна Стоиемновски.
Додаде дека општината планира да започне постапка за брендирање на сината слива како специфично овошје кое е најзастапено во Пијанец и од кое во добра година се произведуваат околу 5 илјади тони сина слива.
Во рамките на манифестацијата се одржа и школа за цртање карикатури под менторство на познати карикатуристи од Македонија Миро Ѓеоргиевски и Блаже Докуле.
– Интересот кај младите да учат да цртаат карикатура е голем, ние сме тука да им помогнеме да ги научиме на тајните на карикатурата. Навистина сме задоволни од големиот интерес кај младите за карикатурата, истакна Докуле.
Манифестацијата беше збогатена со изложба на фотографии од старо Делчево, како и изложба на карикатур од Миро Ѓеоргиевски „Черчил низ карикатура“. Пијанечките денови на сливата беа збогатени и со настап на играорци од Делчево од КУД „Гоце Делчев“, како и локални бендови.