Сијалиците со влакно од волфрам ќе бидат повлечени од продажба на 31 декември во земјите-членки на Европската унија, а ќе бидат заменети со штедливи, кои се петпати поефикасни и трошат од 60 до 80 проценти помалку електрична енергија.
Се оценува дека заштедата на годишно ниво ќе биде еднакво на потрошувачката на електрична енергија на Романија.
Во 2008 година ЕУ донесе закон за постепено повлекување на класичните сијалици од продажбата поради многу нискиот коефициент на корисно дејство односно од пет до десет отсто од енергијата се претвора во светлина, а другото оди на топлина.
Франција во 2009 година забрани употреба на сијалици од 100 вати, во 2010 години од 60 вати, во 2011 година од 40, а од 1 јануари 2013 година нема да има сијалици од 25 вати.
Класичната сијалица ја откри англискиот научник Џозеф Вилсон Свон , а ја унапреди Томас Едисон кон крајот на 19 век, а ќе биде заменета со флуоресцентни, халогени и ЛЕД сијалици.
Во ЕУ ќе се користат современи штедливи сијалици кои се еволутивни наследници на флуоресцентните сијалици, кои настанаа во 30-тите години од 20 век.