Пукање и зголеменото присувство на полицијата и стражарите било забележано синоќа во затворот Идризово, откако според првичните информации се случил обид за бегство.
Обидот за бегство бил од женското одделение на затворот Идризово, потврдуваат за А1он затворениците, а според првичните информации осудените кои се обиделе да избегаат имале и помош од надвор.
Од МВР известија дека по извршените разговори и други оперативни активности констатирано е дека на синоќа во 22:30 часот затворска службеничка по добиена информација алармирала дека пред женскиот објект од затворот имало две непознати машки лица со црна облека кои фрлале предмети кон прозорците од објектот. Затворската службеничка по радио врска го известила главниот командирот на КПУ „Идризово“ кој ангажирал дополнително затворски службеници упатувајќи ги кон посочениот објект.
Притоа, откако затворските службеници ги забележале двете лица, коишто по претходно предупредување – стој – не застанале, двајца затворски службеници со службена автоматска пушка и пиштол, во воздух испукале по два предупредувачки истрела. Непознатите лица се оглушиле на предупредувањата и побегнале во правец на селото Идризово. Од страна на полициските и затворските службеници, извршен е преглед на поблиската околина со цел пронаоѓање на лицата. СВР Скопје продолжува со истрага до целосно расчистување на случајот.