Почнаа градежните работи за реконструкција на улицата „Питу Гули“ во населбата Милково Брдо во Делчево во должина од околу 380 метри.
Како што информираат од Одделението за урбанизам во Општина Делчево, на овој проект за реконструкција на една од најфреквентните улици во оваа населба, му претходеа работи за изградба на атмосферска канализација за дел од населбата Милково Брдо при што е вградена главна одводна линија за атмосферски води кои преку улицата „Ѓорче Петров” беа спроведени во текот на река Габровчица.
Градоначалникот Дарко Шехтански истакна дека оваа улица е една од најзначајните сообраќајници во оваа населба, по која согласно со динамиката и утврдениот сообраќаен режим, одвивањето на сообраќајот ќе биде ограничено.
Изградбата на оваа улица оди во пакет со изградба на улиците „Светозар Марковиќ“ и ул. „Маршал Тито“ во центарот на Делчево, а средствата во висина од 12, 7 милиони денари се обезбедени како донација од Министерството за финансии преку Светска банка.