Пчеларите од Кочани и од повеќе градови од Источна Македонија со реакција за присуството на увезен мед со сомнителен квалитет што се продава под брендот македонски. Тие апелираат, увезениот мед да не се продава под називот „Македонски мед“, туку на етикетата да стои од каде е увезен. Македонскиот мед е бренд, квалитетен е и не може со него да се манипулира, велат пчеларите.
– Ако веќе се увезува мед, на етикетата да стои дека е увезен од Кина или од Молдавија, а не да се продава како „македонски мед“ бидејќи македонскиот мед има добиено сребрен медал во Франција за најквалитетен мед и затоа неможе кинески мед да се продава под името „македонски“. Тие исти фирми од нас го откупуваат 250 денари, и не е можно по иста цена, па и поефтин да се продава во маркетите. Не велам дека не е квалитетен, но не е во ред да се продава под називот „македонски“, истакнува Драган Колев, претседател на Пчеларското здружение „Матица“ од Кочани.
За да бидат сигурни во квалитетот на медот што го купуваат пчеларите апелираат до граѓаните да го купуваат од пчелари кои што ги познаваат.
Од Пчеларското здружение „Матица“ од Кочани заедно со претседателот на Сојузот на пчелари на Македонија веќе оствариле средба со министерот за земјоделство на која што го покренале прашањето околу пласирањето неквалитетен мед под името „македонски мед“, по што, посочува Колев, било одлучено инспекциите да интервенираат на терен и да се врши позасилена контрола по маркетите со цел да се види каков мед се нуди на граѓаните.