Министерот за земјоделство на Хрватска Томислав Толушиќ денеска, во телефонски разговор со македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски, покажал интерес за изнаоѓање решение за настанатиот проблем по воведувањето на Правилникот за увоз на свежо овошје и зеленчук, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ).
Според МЗШВ, по вчершаниот заеднички заклучок на министрите во Сараево, Хрватска итно да ги укине одредбите од Правилникот, Николовски е во постојан контакт со своите колеги од БиХ, Србија и Црна Гора, Мирко Шаровиќ, Расим Љајиќ и Драгица Секулиќ.
Хрватска на 15 јули годинава донесе нов Правилник за инспекциски надзор и контрола за усогласеност на овошјето и зеленчукот со кој трошоците за контрола на квалитет на овошјето и зеленчукот за трети земји се зголемуваат од досегашните 90 куни (12 евра) по производ, на 2.000 куни (274 евра).
Ваквото еднократното зголемување на давачките при увоз на овошје и зеленчук за 20 пати, ќе направи проблем не само кај нас, туку и во регионот, оценија надлежните институции и реагираа веднаш.
Македонија испрати нота до Хрватска за стопирање на Правилникот, по што следуваше и заедничката средба на министрите од регионот во Сараево. Министерот Николовски потенцира дека Македонија сака да го заштити домашното производство преку заемно почитување на потпишаните меѓународни договори.