На третиот ден од собраниската расправа за ребалансот на Буџетот 2017, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ ја критикуваа Владата предводена од СДСМ за задолжувања од 110 милиони евра за 70 дена иако, посочија тие, токму за задолжувањата најмногу ја критикувале претходната власт додека биле во опозиција.
Крсто Мукоски прогнозираше дека Република Македонија годината ќе ја заврши со рецесија зашто сите економски параметри, како што рече, одат во надолна линија. Според него, новата Влада со задолжувањата ги следи политиките на претходната и со тоа признава дека имала успешни политики.
– Го критикувавте незсразмерен буџет од 3 милијарди евра, а го задржавте во иста висина, рече Мукоски. Единствено во што СДСМ не ги следи политиките на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мукоски, е драстичното кратење на капиталните инвестиции за 58 милиони евра што ќе доведе до негативен економски раст.
Антонио Милошоски рече дека проекцијата за БДП од 2,9 се намалува на 2,2 проценти, а Владата на СДСМ ветувала 6 до 7 проценти пораст на БДП.
– Зошто амбициозниот план за висок БДП сега паѓа на ниски гранки. Дали неспособноста да се вложува во капитални инвестиции ќе се одрази врз БДП. Имаме задолжување од 110 милиони евра за 70 дена или секој ден по 1,5 милиони евра, рече Милошоски и го праша министерот за финансии Драган Тевдовски зошто ги критикувал задолжувањата на минатата власт кога бил во опозиција. – Дали тоа значи дека претходните задолжувања биле исправни или министерот ја води истата политика на претходниците кои ги критикува, праша Милошоски.
Министерот Тевдовски од собраниската говорница ги повика пратениците од опозицијата да не презентираат неточни податоци за задолжувањето и ги објасни причините. Соопшти дека во јуни и јули нето ново задолжување на домашниот пазар е направено во износ од 1,8 милијарди денари или 30 милиони евра и во истиот период е вратено задолжување кон странски кредит во износ од 81,9 милиони евра.
– Значи, овие два месеца имаме повеќе вратено за 50 милиони евра. Средствата што се вратени се со каматна стапка од 6,05 проценти додека позајмувањето е направено на домашниот пазар со пондерирана просечна каматна стапка од 2,7 проценти. Има сериозно висока разлика во цената по која претходната власт се задолжувала, На пример со фиктивни бројки: Ако некој треба да врати нечиј кредит кој некој друг го зел, на пример на сума од 500 денари и, да речеме, денес тој за тој кредит зема нов кредит од 550 денари. Значи дополнителното нето задолжување е 50 денари, а не како што вие собирате и потоа делите на денови. Ве молам, не правите манипулации со јавнсота, истакна министерот за финансии.
Во однос на потреба од задолжување, Тевдовски одговори дека во јануари 2018 Македонија ќе треба за само еден странски кредит да врати 90 милиони евра направен од претходната власт.
– Во 2020, 2021 година, Македонија ќе треба да врати околу милијарда евра. Тоа се сериозни пари за кои е задолжена Македонија. Тоа се горе-долу колку повеќе од две годишни плати на цела државна и јавна администрација. Во постојниот буџет, долгот којшто треба да се врати изнесува 18,3 милијарди денари. Во 2008 година тој долг бил 7 милијарди денари, сериозно понизок и различен, додаде Тевдовски.
Во претпладневниот дел од третиот ден расправа за ребалансот на Буџетот 2017, пратениците од власта зборуваа за направени долгови во државните институции од претходната власт, непродуктивни трошоци, за грешки во проектирањето на автопатиштата… Опозициските пратеници, пак, реагираа за кратење на капиталните инвестиции и политика со која се одбиваат странските инвеститори. Обвинија за намалување на средствата за поддршка на руралниот развој, туризмот, универзитетите…Спомнаа и 500, според нив партиски вработувања, во МВР. Во дискусијата имаше и обвинувања за пожарите со оценка од опозициските пратеници дека Владата е неколку дена немоќна да се справи со стихијата.
На излагањата на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ одговараше пратеникот Благојче Трпевски од СДСМ. – Задолжувања се прави, меѓутоа за доспеани обврски да се вратат одредени кредити. Скратено е од буџетот на премиерот на Владата од 420 милиони денари. Првпат во историјата е направено кратење на буџетот на премиерот, рече Трпевски.
Праша и зошто го правеле проектот „Скопје 2014“ наместо 600.000 милиони евра да ги наменат во инфраструктура и притоа додаде: – Веројатно брзавте да ги изградите автопатиштата за да ги земете големите провизии, затоа можеби се направија грешки во нивното проектирање.
Попладневниот дел од денешната седница за ребалансот ќе продолжи во 15.30 часот, по редовната пауза.