Почна реконструкцијата на улицата „ Кеј на Брегалница“ во Делчево која предвидува нов асфалт по должината на улицата од 235 метри, решавање на проблемот со атмосферската вода и изградба на тротоари.
Како што истакна Горан Петровски, раководител на Одделението за урбанизам, реконструкцијата на оваа улица ќе се одвива во две фази.
– Изминатите неколку денови се работеше на замена на најоштетените рабници од едната страна на улицата, како и чистење на сливниците за атмосферската вода. Денес се започна со гребење на асфалтот и подготовка на самата улица за асфалтирање во должина од околу 235 метри. Воедно е предвидено во периодот што претстои да се изгради и троторарот кој е од страната на станбените згради што се наоѓаат во непосредна близина, истакна Петровски.
Тој потенцираше дека е предвидено и етапно решавање на проблемот со атмосферските води.
– По врнежи има проблеми на улиците кои гравитираат околу улицата „Кеј на Брегалница“, како што се „Царевоселска“, „Индустриска“ и „Маршал Тито“. Предвидена е изградба на сливници преку коишто атмосферските води ќе се спроведуваат директно во реката Брегалница. Ова е една од причините поради кои еден многу мал дел од улицата „Кеј на Брегалница“ нема да биде реконструиран во оваа фаза, рече Петровски.
Прецизира дека е потпишан договорот со кој е предвидена реконструкцијата на улиците „Питу Гули“ во населбата Милково Брдо, „Светозар Марковиќ“ кај автобуска станица и дел од „Маршал Тито“ на потегот од хотел „Македонија“ до ресторан „Трла“.
– Очекуваме во најкус можен период да стартуваме со изградбата на трите најоштетени улици „Питу Гули“, „Светозар Марковиќ“ и дел од ул „Маршал Тито“. Средствата во висина од 260 илјади евра се обезбедени од ИПА програмата преку Минситерството за финансии, додека средства во висина од 8, 5 милиони денари се од општинскиот буџет, а се наменети за решавање на пропратните инфраструктурни потреби на улиците, рече Петровски.
Најави и изградба на улици во селата Стамер, Ѕвегор и Разловци за што се подготвува документација, а и продолжување на тротоарот кај Здравствениот дом за уште 200 метри.
– По реконструкцијата со нов асфалт во должина од околу 240 метри на крак од улица „М.М. Брицо“ кој се протега помеѓу старото собрание на Општина Делчево и ЈЗУ Здравствен дом „Гоце Делчев” Делчево, деновиве заврши и изградбата на тротоарот на улицата. Станува збор за изградба на тротоар од едната страна со бехатон плочки во должина од 170 метри. Со овие градежни активности кои се како резултат на сугестиите на жителите кои секојдневно гравитираат во овој дел од градот, значително се олеснува пристапот до административните канцеларии на подрачните одделенија на различните министерства кои се сместени во старата зграда на Општина Делчево, а олеснет е и пристапот до ЈЗУ Здравствен дом „Гоце Делчев” и куќите на жителите кои живеат во овој дел од градот. Средствата за реализација на овие проекти се исклучиво од буџетот на општина Делчево, рече Петровски.