Министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска денеска во рамките на еднодневната посета на Република Турција, на универзитетот „Малтепе“ во Истанбул оствари билатерална средба со турскиот министер за култура и туризам, Ертугрул Гунај.
На средбата министрите ги потврдија добрите културни врски што постојат меѓу двете земји, како и постојаните заложби на двете страни за нивно унапредување. Беше истакната и одличната соработка во издавачката дејност, со посебен акцент на проектите за превод на турски автори на македонски јазик што ги реализира Министерството за култура на Македонија.
За време на средбата, како што информираат од Министерството за култура, била потпишана Програмата за културна соработка за периодот 2013-2015 година, со која се предвидени нови проекти кои ќе ја интензивираат соработката и ќе придонесат за поголема комуникација меѓу институциите и соодветните здруженија, како и Договорот меѓу Владата на Република Турција и Владата на Република Македонија за основање и за активностите на културните центри во двете земји.
Министрите за култура истакнале дека од огромно значење е што на Република Македонија и се дава простор во срцето на Истанбул, на плоштадот „Таксим“, објект кој е заштитен споменик на културата, а Турскиот културен центар ќе функционира во „Куршумли ан“, исто така споменик на културата од исклучително значење.
Мминистерката Канческа-Милевска упати благодарност до својот турски колега за поддршката што Министерството за култура на Турција ја дава за изработката на копија од саркофагот со претстава на Александар Македонски, кој е изложен во Археолошкиот музеј во Истанбул.
Турскиот министер за култура изрази поддршка околу претставувањето на македонската култура следната година во градот Ескишехир, кој е прогласен за престолнина на културата на туркменските земји.
Тој посочи дека на 23 април следната година, на денот кога е формирано големото национално собрание на Турција, ќе ја посети Република Македонија. Тогаш се очекува да биде промовирана и Спомен-куќата на родителите на Кемал Ататурк во село Коџаџик, а ќе бидат поставени и темелите на Турскиот театар кој се гради во Скопје.
Министерката Канческа-Милевска во рамките на службената посета на Турција, денеска, заедно со министрите за култура од регионот, присуствуваше и се обрати на отворањето на првото издание на книжевниот фестивал, кој под покровителство на УНЕСКО се одржува на Денот на светски познатите ликови од романите – 21 декември.
– Романите секогаш можат да бидат прочитани на поинаков начин, да креираат нови лични истории, да создаваат нови светови. Со големиот багаж на оралната традиција и локалните митови, Балканот поседува автентичен книжевен израз кој е одговор на светските и на европските современи текови и тој храбро влегува во дијалог со нив. Романот беше начин безболно да се раскаже и болката на овие простори, да се изградат нови микросветови на ликовите во кои живеат – истакна во своето обраќање Канческа-Милевска. Таа пред министрите за култура потенцираше дека Република Македонија е посветена на силното поддржување на уметничката литература, на домашното творештво и на преводите, истакна министерката за култура.
Министерството за култура на Република Македонија, како што додаде Канческа-Милевска, со големо внимание ги поддржува приватните издавачки куќи кои објавуваат голем број дела од домашни и од странски автори, а се поддржуваат и изданијата на јазиците на другите етнички заедници.