Во Делчево денеска почна собирањето потписи за бесплатни здравствени прегледи на бремените жени во рамки на кампањата „Стоп за незаконското наплаќање кај матичните гинеколози“ што ја спроведува невладината организација КХАМ.
Санела Абдулова од организацијата истакна дека станува збор за активост која е во рамки на здравствената програма со која се сака да се подигне свеста кај населението за значење на редовните гинеколошки прегледи, но и да се сопре со незаконското наплаќање на прегледите кај матичните гинеколози.
– Целта на оваа петиција е да се подигне свеста кај бремените жени за важноста од гинеколошки прегледи, а со тоа и да истакнеме дека здравствените услуги за бремените жени се бесплатни. Нашите истражувања покажаа дека има незаконско наплаќање од страна на матичните гинеколози. Од друга страна сакаме да укажеме на важноста на родовата компонента. Жената треба да има поддршка од своето семејство при остварување на своите редовни гинеколошки прегледи, за да имаме здраво поколение, рече Абдулова.
Освен во Делчево, потписи ќе се собираат и во Берово, Пехчево со селата Црник и Виница, а сите заедно ќе бидат доставени до Министерство за здравство.