Во Охрид денеска се одбележа Денот на балканските египќани – 24 јуни. По тој повод на централниот настан се обрати министерот за култура Роберт Алаѓозовски кој рече дека определба на Владата е да гради едно општество за сите што подразбира еднаквосст во правата и можностите на сите заедници.
– Новите културни политики ќе дејствуваат во правец на децентрализација на културата, развивање на можности таа да допре до секој граѓанин без оглед на припадноста и местото на живеење, како и создавање нови моности за вистинско и суштинско унапредување на културата на сите заедници со особена грижа кон оние заедници кои подолго време беа запоставени, игнорирани и речиси заборавени, рече Алаѓозовски.
Одлуката за одбележување на Меѓународниот ден на балканските Еѓипќани е донесена во 2010 година во Струга на Вториот конгрес на Сојузот на балканските Египќани. На овој ден во 1990 година во Охрид, е одржано првото Собрание на една општествено-политичка организација на Балканот, која се заложи за сочување на етничкиот идентитет и заштитата на правата на оваа заедница.
Египќаните на Балканот се дојдени како колонисти да ископуваат и експлоатираат метали во 13 век п.н.е. Припаѓаат на семејството на семитско-хамити народи, а зборувале на староегипетски јазик, кој денес е изгубен. За колонизацијата на Египќани на Балканот има сведоштва скоро кај сите антички автори, но и богато археолошко наследство. За време на преродбеништвото во 19. век. Египќаните за прв пат се спомнуваат во весникот „Македонија“ што излегувал во Цариград во 1867 година, а текстот е пишуван од еден Египќанец од Прилеп. Денес се претпоставува дека на Балканот живеат околу еден милион Египќани, најмногу во Грција, Албанија, Косово, Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина, но ги има и во Турција и Бугарија.