Уставниот суд на денешната седница одлучи да поведе постапка за оценување на уставноста на членот 175 од Законот за електронски комуникации кој се однесува на обврските на телекомуникациските оператори за обезбедување технички услови за следење на комуникациите за органот кој е надлежен за тоа, односно Управата за безбедност и контраразузнавање.
Мнозинството судии сметаат дека членот е спорен бидејќи овозможува неограничено следење на комуникциите од страна на управата на безбедност и контразузнавање без соодветна контрола, односно, според нив, Законот во членовите 168 и 175 нема прецизно предвидено во кои услови, следењето на комуникациите е дозволено.
Образложението за одлуката судиите ќе го донесат на наредната седница, по што ќе го достават до Собранието, кое има рок од 30 дена за одговор. По истекувањето на овој рок, судијата-известител треба да поднесе предлог и нацрт-одлука за која судот ќе се произнесе.
Оваа иницијатива беше поднесена во 2015 гидина и еднаш веќе беше на дневен ред, но расправата по неа беше одложена поради обемноста на материјалот.