Во текот на годината има 365 крводарителски акции, а повеќе од 18.000 луѓе даруваат крв. Секогаш успеваме да го реализираме оној план кој го поставуваме на почетокот на годината, а тоа е да се соберат 55.000 крвни единици.
Ова денеска го истакна Сузана Тунева Пауновска од Црвенот крст на Град Скопје на одбележувањето на 14 јуни, Светски ден на крводарителство во рамки на кој пред Спомен куќата на Мајка Тереза е поставен штанд на кој на минувачите им се дели информативен и едукативен материјал, а екипа од Институтот за трансфузиона медицина на Република Македонија на граѓаните кои се заинтересирани им ја одредува крвата група.
Посочи дека идејата е денеска заеднички да го промовираат крводарителството како еден чин кој е многу важен за функционирање на заедницата каде треба да се даде поддршка на луѓето на кои тоа им е потребно преку дарување крв.
Мотото за одбележувањето на Светскиот ден на крводарителството е „Не чекај да се случи несреќа. Што може да сториш, дарувај крв, дарувај сега, дарувај често“.
– Треба да работиме на подигнување на свеста на населението во нашата држава, постојано резервите на крв во Институтот за трансфузиона медицина на Република Македонија да бидат на она ниво кое е потребно за да ги задоволува сите интервенции кои имаат потреба од крв во секое време, потенцира Тунева Пауновска.
Како држава, нагласи, можеме да зборуваме за едно задоволително ниво на промоција на крводарителството, затоа што секојдневно работиме на подигнување на свеста на луѓето да ја даруваат оваа скапоцена течност.
– Во нашата држава е зголемен бројот на младите луѓе кои сакаат да бидат крводарители. Промоцијата на крводарителството меѓу младите е многу важно за континуирано да имаме хумани луѓе кои сакаат да ја даруваат оваа скапоцена течност. Во Македонија функционира Клуб 25 кој е популарен меѓу средношколците и студентите и го промовира крводарителството, во периодот од 18 до 25 години да се дарува повеќе пати крв и да се мотивира другарот да стане дел од тој клуб, рече Тунева Пауновска.
Додаде дека во рамки на Црвениот крст на Републила Македонија функционира и Дневниот центар за крводарување кој работи секој ден од 8 до 16 часот и преку него најмногу се работи на промоцијата на крводарителството.
Директорот на Институтот за трансфузиона медицина на Република Македонија, Емилија Велкова рече дека крводарителите несебично ја даруваат својата крв, една хуманост која е упатена кон ценење на животот на секој граѓанин.
– Македонија е една од ретките држави во Европа и светот која успева да ги задоволи потребите за приватното и јавното здравство исклучиво со доброволно дарување крв. Не постои квалително и современо здравство ако немате доволни количини на крв. Треба да се гордееме со тоа што постојано ги имаме потребните количини на крв, додаде Велкова.