Романија денеска стана 25. земја во Европа што забранува користење на диви животни во циркус, пишува весникот „Евениментул зилеј“.
Весникот забележува дека по речиси шест децении, откако постои романскиот циркус, претставите во кои тигри, лавови, слонови и други диви животни се принудувани да изведуваат акробации пред публиката, остануваат во историјата.
Законот беше инициран од независниот пратеник Ремус Чернја и организацијата „Четири липи“ во 2015 година, а неговото усвојување беше забрзано по барање на Светскиот фонд за дива природа – Романија, оваа година, по смртта на 11 диви животни при пожарот во циркусот „Глобус“ во Букурешт.
– Повеќе ниту еден тигар, лав, мечка или слон нема да страдаат во Романија само за да забавуваат неколку лица, изјави Магор Чаби, директорот на Светскиот фонд за дива природа – Романија.