Циклус обуки за прва помош на повредено лице во планина со која се опфатени млади волонтери од општинската организација на „Црвениот крст“ во Делчево, започна планинарското друштво „Голак“ од Делчево.
Планинарскиот водич Љупчо Чучуковски, на денешната прес-конференција, рече дека обуката се реализира со заедничка координација на Федерацијата на планинарски спортови на Македонија и оштинската организација на Црвениот крст од Делчево.
– Летниот период има поголема раздвиженост во планина и поголем број посетители и љубители на планината и затоа во овој период ги организираме овие обуки со цел да ги обучиме младите волонтери, да научат основни работи како да постапуваат при повреда на лице во планина. Обуката е од заеднички интерес и за нас како планинари, а и за нив, бидејќи се состои од два дела, теоретски и практичен дел. Ќе покажеме и практично како се постапува при оживување на човек со давање вештачко дишење, потоа имобилизација на скршена подлактица, како и скршеница на кога, како и компресија на рана, како се транспортира повредено лице и слично. Тоа се најчестите повреди кои можат да се јават во планина, рече Чучуковски.
Вакви обуки ПСД „Голак“ Делчево планира да реализира и со другите општински организации доколку пројават интерес за нив.