Синдикатот на контролорите на летови денеска соопшти дека нема да се откаже од утрешниот штрајк.
Претставници на синдикатот соопштија дека преговорите со Министерството за транспорт пропаднале и оти утре почнува штрјкот на вработените на Романската администрација за услуги за воздушен транспорт (РОМАТСА).
– Сите се обидуваат РОМАТСА да ја доведат до банкрот. Сакам општеството да разбере, дека тоа што го правам, го правам не поради нашите плати, туку да спасиме една романска институција, која не е на буџет, туку носи пари во буџетот, истакна синдикалниот претставник Алеку Флорин Дјакону.
Тој додаде дека за состојбите во РОМАТСА одговорност има министерот за транспорт Александру Разван Кук.
Контролорите на летови на 12 мај имаа двочасовен предупредувачки штрајк, што доведе до доцнење на низа летови. Тогаш тие предупредија дека зголемувањето на бројот на летови над романска територија и во исто време намалување на бројот на контролори на летови „претставува напад врз безбедноста на авиосообраќајот“.
Штрајкот утре ќе пчочне во девет часот, а според законот ќе се опслужуваат 33 проценти од летовите и итните случаи. Штрајкот ќе биде прекинат откако Министерството за транспорт ќе ги исполни барањата на контролорите на лет.