Во рамките на 45-ти „Мајски оперски вечери“, вечерва во големата сцена на МОБ ќе биде одиграна популарната комична опера „Севилскиот бербер“ од Џоакино Росини.
Продукцијата на „Севилскиот бербер“ ја реализира интернационална екипа – во Скопје гостуваат солистите од Српскиот народен театар од Нови Сад, диригент е Крис Расман од Велика Британија, режисер е Урсула Хорнер, сценографијата е на Марија Ветероска, костимографијата на Марија Пупучевска, додека дизајнот на светло е на Васко Лисичов.
Во операта ќе настапат Марјан Јованоски како Фигаро, Јелена Кончар – Розина, Роберто Јачини Вергили од Италија – Алмавива, Горан Крнета – Дон Базилио, Небојша Бабиќ – Дон Бартоло, Злата Тошевска – Берта, Кристијан Антовски – Фиорело, Саша Смилевски – Амброзио.
За време на својот живот, Џоакино Росини (1792-1868) важел за еден од најпризнаените оперски композитори во светот. Напишал повеќе од 30 комични и трагични опери, пред необјасниво да престане да пишува опери, на возраст од 37 години. „Севилскиот бербер“ чија што премиера доживува катастрофален неуспех (предизвикан пред сè поради фракциите во локалната политика, а не поради самото дело) станува најпопуларната комична опера на сите времиња во светот. Некои од најпрепознатливите музички парчиња од операта слободно може да се каже дека станаа дел од човековото „несвесно“, особено воведната арија на гордиот Фигаро.
Операта изобилува со извонредни и возбудливи вокални и оркестарски делници и комична елеганција со која ретко кое друго оперско дело може да се спореди.
Изведбите под диригентското водство на Крис Расман редовно добиваат стоечки овации и извонредни рецензии од критичарите. Тој ги диригирал „Мадам Батерфлај“ и „Така прават сите“ со Операта на Прага, „Тоска“ со Унгарската национална опера во Будимпешта и Краков, „Риголето“ со Националната опера на Киев, „Травијата“ и „Палјачи“ со Националната опера на Латвија во Рига и „Боеми“ со Националната опера на Монголија.
Српскиот народен театар од Нови Сад е една од најголемите, а воедно и најстарата професионална театарска куќа во Србија. Основан е во 1861 година за време на конференцијата на Друштвото на Српскиот народен театар составено од членови на Српската читалница, одржана во Нови Сад и оттогаш работи во континуитет. Во театарот функционираат три сегменти – драма, опера и балет.