Јасмина Садулова, медицинска сестра во здравствената станица во Македонска Каменица е прогласена за најхумана сестра во Пијанечкиот регион. Наградата и беше доделена на одбележувањето на Меѓународниот ден на медицинските сестри – 12 мај во Здравствениот дом во Делчево, каде се одржа работен состанок.
Садулова 30 години работи како медициснка сестра и за неа ова е најхуманата професија.
– Работам како одговорна медицинска сестра во здравствената станица веќе 30 години и две години во Босна. Ова претставува многу голема чест за мене и сум благодарна на колешките кои ми направија ваква чест. Самата работа е хумана, одговорна, бара совест, стручност и едукација, рече Садулова.
Претседателката на делчевското Здружение на медицински сестри Сузана Панова потенцира дека традиционално во Здравствениот дом се одбележува Меѓународниот ден на медицинските сестри со што симболично се одбележува датумот на раѓањето на најпознатата и првата медицинска сестра Флоренс Најтингел.
Годинава мотото на Меѓународниот ден е „Медицински сестри: глас што води – постигнување на глобалните цели за одржлив развој“.
– Самото мото се однесува на подигање на свесноста за значењето на сестринската професија, за постигнување на целите за одржлив развој кај населението, владата и политичарите, за придонесот кој медицинските сестри го прават за постигнување на овие цели, рече Панова.
Таа додаде дека медицинската сестра со својата дејност има голем придонес во здравството и затоа, како што рече, потребно е повеќе да се инвестира во сестринството во ситуација кога повеќе сестри професионално заминуваат на работа во странство.
– Сметаме дека можеме да дадеме свој придонес во остварување на целите за одржлив развој кои се значајни за сите нас, како професионално, така и приватно, со акцент да се инвестира повеќе во сестринската професија. Сакаме со настанот да направиме влијание, да споделиме наши приказни и да бидеме гласот кој води, рече Панова.
Во Здравствениот дом во Делчево и здравствената станица во Македонска Каменица работат околу 50 медицински сестри во јавното здравство.
Централната прослава денеска и утре ќе се одржи во Струмица со конференција „Раскажете ни Ваша приказна – заедно да направиме наша приказна за влијанието на медицинските сестри и акушерки, за да созадеме поздрав свет“.